Светскиот економски форум проценува дека до 2025 година, 85 милиони од сегашните работни места ќе престанат да постојат поради промената во поделбата на трудот помеѓу луѓето и машините, додека ќе се креираат 97 милиони нови работни места кои ќе се повеќе прилагодени на новата поделба на трудот помеѓу луѓето, машините и алгоритмите, односно кои ќе се базираат на дигитални вештини.
Пандемијата со која се соочуваме го забрза овој процес и иднината на работата веќе пристигна за голем број на професионалци кои се занимаваат со т.н. knowledge-based работа. Светскиот економски форум нотира дека 84% од работодавците веќе почнале или планираат за брзо да почнат со дигитализирање на процесите на работа, при што проценките се дека можат да преместат дури 44% од нивната работна сила да работи од далечина или од дома.
Имајќи ги во предвид овие трендови, Бреинстер уште од почетокот на оваа година креираше сет од активности, кој започна со кариерниот квиз чија цел беше да помогне на младите луѓе да се насочат кон правилниот избор на образование и кариера преку испитување на нивниот тип на личноста, афинитетот кон дигиталните вештини, како и податоци поврзани лично со нив со цел добивање насоки за понатамошно советување околу изборот на вистинска професија.
Процесот продолжи со изработка на платформата Future of Jobs која ги посочува најновите трендови за професиите на иднината, и тоа базирани на кредибилни глобални истражувања, но истовремено ги наведува и клучните предизвици на македонскиот ИКТ пазар, како и потенцијалите за раст.
Во пресрет на факултетските уписи, преминавме во третата активност со цел да обезбедиме на младите луѓе и особено средношколците квалитетна појдовна точка во нивното образование, односно креиравме 2 современи работилници за најбараните професии во моментов – софтверско инженерство и дигитален маркетинг при што фокус на овие работилници е од прва рака кандидатите да ги искусат вештините кои ќе доминираат на пазарот на труд во следните 10 години.
Последната активност од овој сет на активности е овој настан, Journey to the Future of Jobs, преку кој четирите млади професионалци кои ги поканивме ќе ни раскажат како стигнале таму кај што се, како изгледа да се работи во најголемите технолошки компании на светот или да се изгради технолошка компанија од 0 и нивни совети за сегашните и идните професионалци од земјата за тоа како ќе изгледа иднината на работата и кои чекори треба да ги преземат за истата да ја дочекаат подготвени.