Дизајнот непрекинато еволуира и ја менува својата форма, насока и цел. Глобалната пандемија како точка на пресврт наложи но и иницира и забрза многу процеси и промени.
Дигитализацијата значително ја олесни комуникацијата, а домашните простори станаа сè помодуларни, менувајќи се помеѓу креативно студио, библиотека, заеднички простор и кујна. Токму во тие услови, подготовката на леб во домашни услови добива уникатно културно значење за животот во карантин и аналогија за структурите на потрошувачката.
Што консумираме? Што и како произведуваме? Како влијае пандемијата на сето ова?
Автоматизацијата на креативните процеси и безбројните бесплатни ресурси достапни онлајн не го загрозуваат дизајнот и дизајнерот, напротив – придонесуваат кон неговиот понатамошен развој, создавање на нови алатки и поместување на границите на визуелната комуникација.